На платото, во подножјето на ридот во Љешанска нахија, на оддалеченост од околу 10 километри од Подгорица, монументален – каква што е и слободата, се наоѓа споменик подигнат во слава на сите Љешњани- борците од овој крај кои ги дале животите борејќи се за слободата. Со својата повеќедимензионалност и севкупност тој ја отсликува комплексноста на наследството- лично, локално, национално и на пошироки простори- на една земја која веќе ја нема – Југославија. Ги отвора вратите на светата уметност, на архитектурата, филозофијата, човечките вредности и повисоките цели кон кои се тежнее.Вовед е во бурната историја, во животот во овој крај- личните и семејните приказни, а воедно е и одраз на авторкиното почитување и совршеното разбирање на идентитетот на луѓето и традицијата како континуиран процес и нејзин креативен одраз во современите архитектонски форми.
Овој споменик е дел од битието на луѓето од овој крај. Во него добиле израз сите вредности кои од искон се негуваат во Љешанската нахија- една од четирите нахии на стара Црна Гора. Името го добила по Љеш (град во денешна Албанија) од каде, според преданието, се преселиле предците на Љешњаните за да се спасат од продирањето на војската на Османлиското царство.Според некои толкувања, намерата била да создадат територијален одбрамбен штит за да се запре нивното натамошно продирање кон запад, што се поткрепува со наоди според кои некои Љешњани се обврзале на тоа пред Млечаните, потвдувајќи ја нивната храброст за која и овој споменик сведочи.
Споменикот на Барутана – од локални до универзални вредности
Споменкот на Барутана свечано е отворен во 1980 год. по повод одбележување на 35 години победа над фашизмот. После војната општествените услови биле многу поволни за развој на архитектурата во Југославија.Исто така, застапена била и споменичката архитектура , како израз на општо почитување кон жртвите од Втората светска војна. Оставајќи зад себе силен печат на оваа време, архитектурата се потврдила како еден од најизразените и најстари елементи на идентитетот. Но, овој споменик се разликува од другите споменици од Народноослободителната војна, затоа што е посветен не само на тие што загинале во Втората светска војна, туку и во другите војни во текот на првата половина на XX век на просторите на Балканот, а во кои Љешњаните учествувале со останатите црногорски јунаци- Првата и Втората балканска војна и Првата светска војна.
Јавниот републички конкурс за идејно решение на споменикот е распишан во 1975 година.Иако конкурсот бил од отворен тип, повикани биле неколку автори да земат учество. Меѓу нив биле најпознатата црногорска и југословенска архитектка Светлана Кана Радевиќ(1937-2000) и ликовниот уметник Слободан Бобо Словиниќ (1943-). Поканата ја затекнува Светлана Кана Радевиќ во Америка , додека била на усовршување. Таа одлучува да учествува на конкурсот и својот предлог го испраќа по пошта. Меѓутоа на патот од Америка до жирито предлогот е изгубен, па во првата фаза на разгледување на предлози предност добива Словиниќ.Кога е пронајдено Каниното идејно решение, кое го нарекува ,,Цветови '', жирито се определува за него и тоа е првонаграден труд.
Споменикот е резултат на креативниот домет на архитектката Светлана Кана Радевиќ. Таа со него го обликувала просторот давајќи уметничка димензија на каменот кој е синоним за Црна Гора и ова поднебје. Ги вклопила традиционалните обележја во универзални вредности преку облици и елементи на споменикот , кој како да никнал на ова место. Се стопил со пределот – љешанскиот крш обраснат со шипка и цер, омеѓен со имотите познати по одгледување љешански тутун и винова лоза. Споменикот ја носи и силната идеја на братство, што е во склоп со сфаќањата на авторката дека споменикот тоа треба да го одразува- како преку причината, така и преку начинот на градење. Тоа укажува на нејзиното совршено разбирање на локалните вредности и нивниот поширок контекст кој е овде развиен,бидејќи во разговор и самите мештани кажуваат дека споменикот ги збратимил.
Мештаните дале свој придонес во изградбата на споменикот на разни начини-и со работа и со пари. Рано наутро автобусите поминувале низ селата од Љешанската нахија, ги превезувале Љешњаните до градилиштето на Барутана, а по завршувањето на работниот ден ги враќале дома. Младите биле ангажирани во Младинска бригада ,,Барутана 80,, и работеле во вадење и транспорт на камења од различни локации. Најдобар бил, кажуваат, каменот од каменоломот Каменица. Сите мајстори од нахијата биле ангажирани во обработката на каменот и градењето. Но, не само со работа, Љешњаните ја помагале градбата и парично. Некои семејства се одлучувале на тоа дури и за помените на починатите во време на градењето на споменикот. И денес има домови кои чуваат исечоци од весници, од страницата посветена на починати, со што го потврдуваат нивниот придонес кон заедницата. Военото страдање на членовите на семејствата на Љешњаните, соседите и пријателите ги соединила и збратимила тагата, а потоа почитта кон загинатите и гордоста што се нивни потомци.Потоа ги соединила и градбата покажувајќи дека со заедничка работа се создава обележје кое значи вечен помен. Таа им го покажала патот и начинот да го изразат својот идентитет- стремеж кон возвишени вредности- слобода, достоинство, доверба, правда.
Балкански војни 1912 - 1913 година
Првиот од т.н. цветови, како што се наречени помалите целини од комплексот со проектот на авторката, претставува помен на јунаците загинати во Балканските војни, кои потврдиле дека битките за слобода се заеднички именител за сите земји од Балканот. Имено, во 1912 год. тие поведуваат заедничка војна за конечно ослободување од Османлиското царство и неговото долго 5 вековно владеење. Црна Гора на овој начин сакала да ги врати сите градови кои биле нејзин дел уште од времето на Дукља и Зета и кои гравитирале кон неа. Ослободителните борби на север и исток траеле пократко и биле успешни, додека оние за ослободување на Скадар траеле подолго. Со голем број настрадани , Црногорците извојувале победа, но било касно. Морале да го напуштат штотуку ослободениот град , затоа што на состанокот на министрите за надворешни работи, одржан во Лондон, неколку дена пред нивната победа, големите сили одлучиле Скадар да припадне на Албанија.
Во жестоките борби кои се воделе овде учествувале и Љешњаните. Загинале голем број. Се случувало семејни огништа да згаснат после таа битка, но имињата и презимињата од сите нив остануваат да сјаат со бесмртност. Тоа се случило со семејството на Кикун Радуновиќ ,од село Прогоновиќ.После смртта на еден од синовите во Руско-јапонската војна,трите сина кои ги имал-Алекса,Благота и Илија загинале во битките за Скадар. Но,одејќи да ги посети гробовите од синовите, Кикун умира покрај нив затоа што тагата била преголема за неговото срце.Денес,неговите синови живеат со нивните имиња исклесани на камените плочи,а заедно со Кикун и во приказните и епската песна која е испеана.
Сепак, после конечната пресметка со Османлиското царство, заради недоразбирање околу поделбата на освоените територии, доаѓа до Втората балканска војна започната меѓу Србија и Бугарија. Црна Гора ѝ дава помош на Србија и учествува во одлучувачките битки како што е битката на Брегалница, во денешна Северна Македонија. Во двете Балкански војни загинале 115 Љешњани. Нивните имиња се исклесани на концентрично поставените камени плочи,во овој комплекс посветен на тие историски настани.
Прва светска војна 1914 - 1918 година
Во обновувањето и развојот после балканските војни,Црна Гора ја прекинува Првата светска војна. Исцрпена како економски,така и со човечки загуби во текот на претходните војни и вековни борби, Црна Гора сепак зема учество и е на страната на Србија на која Австро- Унгарија и објавила војна,која потоа прераснува во судир од дотогаш невидени размери. Свој придонес со успешни битки и јунаштво во црногорската војска дале и Љешњаните.Имињата на сите 114 кои загинале во оваа војна се исклесани на камените плочи кои се дел од цветот-меморијалната целина на споменикот посветена на овие глобални трагични случувања.Инаку плочите со исклесани имиња на загинатите борци,наместени се по истиот концепт за сите воени судири опфатени со спомен-комплексот.Свртени се кон небото,изразувајќи го стремежот на тие јунаци кон слободата.Формираат концентрични кругови кои на прв поглед потсетуваат на гумна како места за собирање на Црногорците и работата во текот на вршење на житото.Овие кругови го симболизираат кругот на времето-затворениот круг на животот на паднатите борци.Внатре во нив се наоѓаат вертикални заоблени елементи,исто така ориентирани кон небото и повисоки цели.Групирани се еден до друг,исто како што биле јунаците во заедничките борби-сложни и со тоа појаки да ја извојуваат слободата и вечната слава.Тие вертикални елементи засечени и со различна големина,укажуваат на прераната смрт на борците.
Втора светска војна 1941 - 1945 година
Третата меморијална целина е посветена на јунаците паднати на боиштата ширум Југославија во Народноослободителната војна.Самата Љешанска нахија била поприште на борби,во кои учествувал и народниот херој Милован С. Челебиќ.Сеуште живеат во приказните неговите јуриши на непријателските сили во борбата кај Станишељичи,село во Љешанската нахија.Умрел на 31 година од раните здобиени во борбите на Јабланица,1943 година(во Босна и Херцеговина). Со неговото име,и со имињата на останатите 230 паднати борци во Народноослободителната борба (НОБ) , овде , на камената плоча запишано е и името на хероината Јелена Б. Ќетковиќ(1916 – 1943 ).Стрелана е во Јајинци,а зад себе ја оставила песната ,, Зад решетки ,,која ја напишала во текот на ропството во логорот Бањица ( Белград ).
Слобода, архитектура и социјално ангажирање
И така по патеката со ограда од локалниот камен,која асоцира на сувомеѓе,се доаѓа до четвртата и петтата целина од комплексот.Како река која се извива низ протокот на времето во приказните за бурните воени случувања, се доаѓа до амфитеатар со седишта во облик на цилиндри,кои се концентрираат околу сцената. Таа е сместена под закрила на централниот споменик кого го сочинуваат столбови од натур-бетон, стилизирани во вертикала,кои како целина симболизираат факел.Не е ретка перцепцијата дека тоа се раце свртени кон небото,кои полузатворени ја чуваат слободата и ја претставуваат човечката слога. Авторката сметала дека споменикот треба да биде едно континуирано доживување.Со тоа треба да се постигне ослободување на достоинство и пиетет,чувство дека животот триумфира над смртта.Исто така споменикот мора да биде воведен во циклусот на животот.Така овде преку нарација на драматичните историски случувања се доаѓа до отворен простор,место кое го вклучува човекот и остава простор за негово ангажирање.Тоа е место на средби,собири на нови генерации , комуникации , активности, место кое низ интеракција инспирира и мобилизира,а се под покровителство на слободата и духот на победа.
Традиција , архитектура и уметност – најпозната црногорска архитектка Светлана Кана Радевиќ
Погледот од воздух и Канините цртежи потврдуваат дека споменикот израснал од тоа наследство.Со ова е откриена врската меѓу името ,,Цветови,, под кое и го пријавила трудот на конкурс.
Достоинството кое го изразувала низ архитектурата Кана го доживувала како етички чин, а го припишувала на човекот, животот и слободата, а со тоа и на среќата. Таков пристап , како и нејзината креативност , визионерство и упатеност во глобалните домени на архитектурата која со употребата на локалните материјали доведувала до неповторливи форми на просторите на Југославија , ги одвеле нејзините творби на изложба ,,Кон бетонската утопија – архитектура во Југославија 1948 – 1980,, во Музејот на модерна уметност во Њујорк – МоМа, 2018 – 2019 година. По тој повод Канините мајсторства се нашле меѓу редовите на најистакнатите Југословенски архитекти од тоа време , кои ги одбрале кустоси од овој музеј. Понатаму , Биенале на архитектура во Венеција 2021 ќе ги отвори вратите за изложба на Канините трудови , што е уште една потврда за нејзините уметнички и архитектонски вредности.
Запознавање со начинот на живот на наследниците на љешанските јунаци
Препознатливите и непроценливи уметнички и архитектонски вредности на овој споменик ширум светот го понеле гласот за Љешанската нахија и нејзините јунаци.Како живеат денес луѓето од Љешанската нахија и какво место има споменикот во нивниот живот, најдобро може да се доживее низ лична средба и посета со Љешњаните.После посетата на споменикот , се предлага запознавање со локалната култура- производството на вино, и другите типични производи од крајот,гастрономија и природните убавини.
Вила Облун
Близината на Скадарско езеро, погледот на Мало блато и Скадарско езеро и тишината на автентичната селска градба се атракции кои гарантираат исклучително доживување на љубителите на недопрената природа. Амбиентот на имотот со камена куќа, од кои некои делови се стари преку 100 години, лозјата и градините со разно овошје и гумно како симбол на социјалниот живот и работа во минатото се потврда и ја збогатуваат традицијата на местата и имотите. Љубезноста на домаќините, складниот соживот со роднините и соседите и приказните за споменикот на Барутана и локалното население ќе ги отворат вратите за запознавањето со начинот на живот на луѓето од овој крај. Посетителите можат да уживаат во вкусовите на традиционалните послужувања- пршута, сирење, ракија, вино и сок, сервирани со прилози, како и организиран ручек со кој може да се послужат автентични јадења – дива зелка или сарми подготвени во листови од дива зелка или винова лоза.
Винарија Богојевиќ
Лозарство и производство на вино се семејна традиција на ова домаќинство. Зачуваната наследена автентичност се потврдува со одгледување автохтони сорти винова лоза- вранец , кратошија, додека потврда дека традицијата оди во чекор со тековите на современата доба нуди широка палета производи- бело,розе и црвено вино, разни ракии, со билки и ликери.Доказ за високиот квалитет на производи на оваа домаќинство се бројните награди.За посветеноста кон работата и успехот на сите членови од семејството, посетителите ќе се уверат при посетата на имотот и запознавањето со текот на целото производство-од грозд до вино. Тоа им го открива бојата, мирисот и аромата на вината и другите производи од работилницата на ова домаќинство. Освен со дегустација на домашни пијалоци, овде може да се ужива и во вкусни традиционални јадења- печено јаре или јагне, кое домаќините го препорачуваат доколку гостите сакаат и да ручаат на овој имот.